Грција ќе протестира до НАТО поради најавата на Попоски како министер од Македонија

05.09.2014 11:00

Главните коментари се дека станува збор за грешка, несреќен инцидент или намерна провокација и притисок врз Грција...

Вчерашното официјално најавување на шефот на дипломатијата Никола Попоски на Самитот на НАТО во Велс како „Министер за надворешни работи на Македонија“, предизвика бес кај грчкиот печат. Главните коментари се дека станува збор за грешка, несреќен инцидент или намерна провокација и притисок врз Грција.

„Катимерини“ и „Прото тема“ пишуваат дека таквото најавување на Попоски предизвикало бес и непријатност кај грчката делегација во Кардиф која го оценила како „несреќен инцидент“ и најавила формален протест до НАТО и до Велика Британија како организатор на Самитот.

Грчките медиуми потсетуваат дека Лондон веќе подолг период го користи името Македонија наместо „поранешна југословенска република Македонија“.

Дел од медиумите оценуваат дека не станува збор за грешка на најавувачот туку за притисок врз Грција во врска со прашањето за името што го кочи приемот на Македонија во НАТО.

„Авги“ пишува дека се очекува голем притисок врз премиерот Андонис Самарас и шефот на дипломатијата Евангелос Венизелос во Кардиф, особено од германската канцеларка Ангела Меркел, која на недомнешниот состанок со лидерите на земјите од Западен Балкан во Берлин кажа дека спорот за името мора да се реши со компромис од двете страни. 

Прашањето за примот на Македонија во НАТО се очекува да го покрене и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој денеска ќе има билатерална средба со Самарас.