Украина

По средбите во Лондон и Брисел, Зеленски во Рим

09.12.2025 15:42

Нема да го наградам Путин за војната – Зеленски децидно ги отфрла територијалните отстапки кон Русија додека го финализира мировниот предлог што ќе му го понуди на САД. По средбите со европските партнери во Лондон и во Брисел, украинскиот лидер на разговори во Рим. ЕУ и НАТО со поддршка за Киев, Русија со обвинувања-западот ги поткопува мировните решенија. Во позадина на дипломатијата, руските напади продолжуваат.

Украина подготвува одговор на американскиот мировен план. Новиот предлог на Киев не предвидува територијални отстапки кон Русија. Зеленски дециден-нема да го награди Путин за војната. Нагласи дека е подготвен за разговори, но само во рамките на меѓународното право и правото на самоодбрана. По консултациите со европските партнери во Лондон и во Брисел, Зеленски на разговори во Рим.

„Русија инсистира да се откажеме од територија, но дефинитивно не сакаме да се откажеме од ништо. За тоа се бориме, како што добро знаете“, изјави Володимир Зеленски-претседател на Украина.

Европските сојузници на страната на Киев усогласени околу важноста на безбедносните гаранции и почитувањето на територијалниот интегритет на Украина. Европа ќе продолжи да придонесува во сите напори за праведен и траен мир-истакнаа лидерите на ЕУ и НАТО по состанокот во Брисел.

„Додека мировните преговори се во тек, ЕУ останува непоколеблива во својата поддршка за Украина. Нашите предлози за финансирање се на маса. Целта е силна Украина, на бојното поле и на преговарачката маса. Му потврдивме на претседателот Зеленски, ЕУ останува непоколеблива и посветена на своите принципи. Суверенитетот на Украина мора да се почитува.“-напишаа во објава на социјалните мрежи, Фон Дер Лајен и Кошта.

Во Советот за безбедност на ООН жестока дебата за Украина. Финска повикува на праведен мир, Русија обвинува дека Киев и неговите европски поддржувачи ја поткопуваат можноста за мирно решение.

„Ги повикувам сите да ја поддржат Украина во постигнувањето праведен и траен мир – што е можно поскоро. Убедена сум дека начинот на кој ќе заврши оваа војна решително ќе ги обликува иднината на мирот и стабилноста не само во Европа, туку и низ целиот свет“, изјави Елина Валтонен – министерка за надворешни работи на Финска и претседавач на ОБСЕ.

„Сè за украинското решение сега е совршено јасно. Корумпираниот украински кнез се стреми по секоја цена да ја зачува својата моќ, а неговите европски соучесници кои се обидуваат со сите средства да го спречат неславниот колапс на нивниот „антируски“ проект, се зафатени со торпедирање на мирните напори со поткопување на таканаречениот „дух на Енкориџ“, изјави Дмитриј Полјански – заменик-постојан претставник на Русија во ООН.

Во позадина на дипломатијата, руските напади продолжуваат. Северот на Украина под масовен удар од дронови, жителите во Суми остана без струја. Киев возвраќа. На југот и западот на Русија огласени се сирени, а четири аеродроми привремено престанаа да работат.

 

Бојана Крстевски