Граѓани и компании за пет години му должат на Град Скопје преку 36 милиони евра за даноци и такси
Граѓаните и компаниите на Град Скопје му должат над 36 милиони евра за данок на имот и комунални такси, соопштија градските власти. Граѓаните велат дека редовно плаќаат данок, застој настанува од ненавремените поштенски услуги. Во фаза на планирање е и буџетот за следната година, од Град Скопје чекаат и конструктивни предлози од граѓаните...

Граѓаните и компаниите на Град Скопје му должат над 36 милиони евра за данок на имот и комунални такси, соопштија градските власти.
Граѓаните велат дека редовно плаќаат данок, застој настанува од ненавремените поштенски услуги. Обврзани се да шетаат до шалтерите да го намират долгот.
Градската администрација упати повик до сите даночни и таксени обврзници кои немаат платено данок на имот, данок на промет, данок на наследство и подарок и комунална такса-фирмарина, да ги подмират своите обврски во најкраток временски рок.
„Даноците на имот и комуналните такси се основните извори на приходи на Градот Скопје. Средствата остварени од овие приходи овозможуваат финансирање на основните функции на Градот, изведба на инфраструктурните проекти, кофинансирање на услугите што ги даваат комуналните претпријатија и јавните установи, како и финансирање на трошоците на средните училишта во Градот Скопје“, стои во соопштението.
Во фаза на планирање е и буџетот за следната година, од Град Скопје чекаат и конструктивни предлози од граѓаните. За годинава градската каса на Скопје тежи 140 милиони евра. Проектирано е да се соберат вкупни приходи од над 114 милиони евра, дефицитот да изнесува околу 25 милиони.
Александра Спировска
