Собраниска дебата за дополнетиот предлог- буџет, власта уверува дека има пари сè
Почна собраниската дебата за дополнетиот предлог- буџет. Власта уверува, во 2026-та ќе обезбеди стабилен раст и подобар животен стандард. Опозицијата критикува, вака скроена државната каса нема пари за ранливите категории и повисоки плати...

Буџетот за 2026-та година е развоен, реален и одговорен, предвидени се пари за сè – за економски раст, за поттик на инвестиции, за нова вредност, за подобри можности и подобар животен стандард на граѓаните. Вака министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, го образложи буџетот пред пратениците. Со него се продолжува со макроекономската стабилност, фискалната консолидација, како и пари за сервисирање на сите обврски вклучително и исплаќање на еврообврзницата.
Економскиот раст за в година се очекува да порасне на 3,8%, а инфлацијата да падне на 2,5%. Од опозицијата со критика дека ова е буџет кој не ги задоволува потребите на државата.
Владејачкото мнозинство со став-во државната каса ќе се слеат повеќе пари од данок на личен доход за 8,7%. Најголем пораст ќе има кај приходите од данокот на добивка од над 14%. Од ДДВ во државната каса ќе се инкасираат 1,5 милијарди евра. Од социјални придонеси на граѓаните ќе се наплатат 1,98 милијарди евра.
Повеќе пари за плати и пензии, а помалку за социјални надоместоци. Со новото прекројување на државната каса ќе се градат патишта, болници, училишта.
Буџетскиот дефицит е проектиран на 3,5% од БДП или 637 милиони евра. Капиталните инвестиции се проектирани на 660 милиони евра. За покривање на долгот, планирани се околу 1,7 милијарди евра, од кои 950 милиони преку еврообврзница.
Ова е досега најтежок буџет од 6,7 милијарди евра.
Борис Грујоски
