Партии

Продолжуваат обвинувањата за мигрантски кампови во земјава

09.12.2025 16:40

СДСМ предупредува на бран мигранти во Македонија, Филипче бара граѓаните да поддржат петиција против отворањето кампови. Додека сум премиер, нема ниту еден бегалски шатор да никне во Македонија – уверува Мицкоски…

Социјалдемократскиот сојуз ќе бара поддршка од граѓаните против, како што велат, отворањето на мигрантски кампови и зачувување на безбедноста на земјава. Лидерот Филипче најави онлајн петиција.

Веќе втора недела СДСМ обвинува за тајни преговори на власта со Британија за преземање на мигранти. Се повикуваат на информации од британските медиуми. Велат, се преговарало мигрантите да бидат вклучени на пазарот на труд и да добијат трајно живеалиште во Македонија. Филипче упати прашање дали заемот од Велика Британија е компензација за влез на мигрантите со кои европските држави тешко се справуваат.

Со индигнација ги отфрлам ваквите шпекулации-дециден е претседателот на Владата. Мицкоски со став „апсолутно не“. Нема да има мигрантски кампови сè додека јас ја предводам Владата. Кампањата на опозицијата е однапред изгубена битка, бидејќи нелегалната миграција е во фундаменталните вредности на ВМРО-ДПМНЕ, и ние на тоа жестоко ќе се спротивставиме-вели премиерот.

Мицкоски најави проект, пандан на „Сејф сити“, „Сејф кантри“, кој предвидува 24 часовен мониторинг на границите на државата.

Марина Стојанова-Тонева