Свет

Кревко примирје на Блискиот исток

09.12.2025 18:09

Израелските одбранбени сили одново извршија напади врз цели на Хезболах во Либан, вклучувајќи го и местото за обука на елитните сили Радван. Во Газа пак, УНИЦЕФ предупредува дека и по два месеца примирје, лошата хуманитарна состојба продолжува.

Примирјата на Блискиот Исток и натаму кревки. Израелските одбранбени сили одново извршија напади врз цели на Хезболах во Либан, вклучувајќи го и местото за обука на елитните сили Радван. Во Газа пак, УНИЦЕФ предупредува дека и по два месеца примирје, лошата хуманитарна состојба продолжува. Најпогодени се децата. Само во октомври, 8.300 бремени жени и доилки биле примени на лекување од акутна ненахранетост.

„Отворањето на преминот Рафах, доколку тоа овозможи проток на хуманитарни камиони како што сакаме, може да ни помогне да го намалиме бројот на деца со ненахранетост. Навистина треба да видиме како пристигнуваат сите видови помош, особено храната преку комерцијални патишта“, изјави Тес Инграм, менаџер за комуникации, Детски фонд на ООН, УНИЦЕФ.

Израел негира дека ја попречува испораката на помош. Во друг извештај, „Репортери без граници“ нотира дека изминатата година 67 новинари загинале при извршување на работата. Најопасни региони остануваат Појасот Газа, каде што животот го загубиле 29 репортери.

„Помошта влегува слободно во Газа и без помош од агенциите на ОН во кои се вгнездиле терористите. Како што реков, овие камиони влегуваат неделно, секојдневно. Сепак, организациите без терористички оперативци се засилија и всушност помогнаа, ги презедоа операциите на УНРВА и испраќаат илјадници камиони во координација со Израел“, рече Шош Бедросијан, портпаролка на израелската влада.

Израелскиот премиер Нетанјаху рече дека втората фаза од прекинот на огнот во Газа би можела да почне уште кон крајот на декември, во очекување на враќањето на останките од последниот заложник од страна на Хамас. Поранешниот британски премиер, Тони Блер сепак нема да биде дел од „мировниот одбор“ за Газа, осмислен од американскиот претседател Трамп, по приговори од неколку арапски и муслимански држави, објави „Фајненшл тајмс“.

Маријана Димовска