Антикорупциска ќе го разгледува случајот со тендери во СОЗР
Дали ќе се отвори предмет, Антикорупциска може да одлучува и по сопствена иницијатива на седницата...

По обвинувањата на СДСМ, Антикорупционерите на следната седница ќе проверуваат во кои институции, семејната фирма на директорот на СОЗР, Томовски добила 5,3 милиони евра за 161 тендер. Дали ќе се отвори предмет, Антикорупциска може да одлучува и по сопствена иницијатива на седницата.
„Мора да ги видиме сите околности за случајот. Во конкретниов случај се споменуваат голем број на добиени тендери, треба да се утврди фактичката состојба, чија е фирмата, историјатот на фирмата и во кои институции има добиено тендери. По отворање предмет и утврдување на фактичка состојба ќе оцениме“, изјави првиот човек на ДКСК, Адем Чучуљ.
Премиерот Мицкоски повика надлежните целосно да го истражат случајот, но и извинување од опозицијата ако нема прекршување на законите. Томовски пак не се откажува од тужба за СДСМ. А, корупцијата и натаму еден од најгорливите проблеми во земјава. Има недоверба во судството, нефункционирање на институциите и голем број скандали. Во наредниот период, ревизорите ќе го објават извештајот за СОЗР.
„Службата за општи и заеднички работи беше предмет на ревизија, во овој момент ги одговараме забелешките на нацрт ревизорскиот извештај и верувам дека до крајот на годината ќе биде конечниот ревизорски извештај со соодветно соопштение за медиумите“, рече Максим Ацевски – главен државен ревизор.
„Последниот случај со дискотеката во Кочани е само еден од случаите каде што јасно се кажува дека корупцијата покрај тоа што ги занемарува човековите права на граѓаните може и да убие“, нагласи Благоја Пандовски – Транспаренси Интернешнал.
Според Индексот за перцепцијата на корупцијата на Транспаренси Интернешнал, Македонија со 50 поени е на 88-то место. Главна причина, големиот број скандали во правосудството.
Андријана Ѓурческа
