Украина

Остри тонови од Трамп за ЕУ и притисок врз Киев

10.12.2025 09:54

Трамп одново побара Зеленски да го прифати предлогот на САД, Украина да отстапи територија на Русија, тврдејќи дека Москва ја задржува превласта...

Претседателот на САД во опширно интервју за Политико одново побара Зеленски да го прифати предлогот на САД, Украина да отстапи територија на Русија, тврдејќи дека Москва ја задржува превласта. Во речиси 4-годишната инвазија Трамп, исто така, упати остри тонови до европските колеги, велејќи дека нивните нации се распаѓаат и дека лидерите не работат добро.

„Не е лесно со Русија затоа што таа има предност и секогаш ја имала. Тие се многу поголеми. Тие се многу посилни. Им оддавам многу признание на Украина и на народот на Украина, војската за храброста и за борбите но, знаете, во одреден момент, големината генерално ќе победи“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Претседателот на Европскиот совет, Кошта, рече дека Европа и САД „мора да дејствуваат како сојузници“ – и го повика американскиот лидер да покаже „почит“. Европските партнери на Киев работат на тоа да обезбедат секое примирје да биде поткрепено со цврсти безбедносни гаранции и од Европа и од САД за да ја одвратат Русија од повторен напад. Трамп не даде гаранции јавно. Претседателот Зеленски од Лондон, Париз и Рим доби поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.