Руско-украински конфликт

Расте дипломатскиот притисок околу Украина

10.12.2025 11:16

Расте дипломатскиот притисок околу Украина. Според светски медиуми, Трамп го предупредил Зеленски да прифати мировен договор до Божиќ. Европските лидери и Ватикан инсистираат дека без Европа нема реален мировен договор, додека на терен ОН предупредуваат дека Украина влегува во четврта воена зима под постојани напади...

Се стега обрачот околу Украина. Американскиот претседател го предупредил Зеленски, до Божиќ да го прифати мировниот договор за завршување на војната, објави „Фајненшл Тајмс“. Во интервју за „Политико“, пак, Трамп повторно побара територијални отстапки, тврдејќи дека Москва ја задржува превласта во речиси четири годишна инвазија.

„Не е лесно со Русија затоа што таа има предност и секогаш ја имала. Тие се многу поголеми. Тие се многу посилни. Им оддавам признание на Украина и на народот на Украина, на војската за храброста и за борбите. Но, знаете, во одреден момент, големината генерално ќе победи“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Украина, европските партнери и САД во моментов разговараат за три документи како дел од мировниот план, рамковен документ од 20 точки, безбедносни гаранции и документ со кој се поставуваат темелите за повоена реконструкција. Претседателот Зеленски од Лондон, Париз, Рим и Ватикан доби поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет.

„Постои рамковен документ со 20 точки, кој постојано се менува, и тоа е нормално, жива структура што мора да одговара на интересите на Украина, Европа и светот. Вториот документ се однесува на безбедносните гаранции. Чекам релевантни предлози од нашата војска и нивните дискусии со Американците, и сето ова мора да се комбинира со ставот на Коалицијата на подготвените. Третиот документ се однесува на реконструкцијата. Секако, ова е проект што мора да функционира кога ќе заврши војната или ќе има прекин на огнот“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Сојузници не се мешаат во внатрешни работи едни на други, критиките се упатени на погрешна адреса, се дел од реакциите на европските лидери на ставовите на американскиот претседател Трамп дека европските нации се распаѓаат и дека лидерите не работат добро. Европа мора да има централна улога во напорите за завршување на војната, а секој мировен план што ја игнорира европската улога е нереален, став на папата Лав 16.

„Единството на европските земји е навистина значајно, особено во овој случај, барањето мировен договор без вклучување на Европа во разговорите, не е реално. Војната е во Европа. Мислам дека во гаранциите за безбедност што се бараат и денес и во иднина Европа мора да биде дел од нив, за жал, не сите го разбираат тоа на овој начин, но мислам дека постои многу голема можност европските лидери да се обединат и заедно да бараат решение“, изјави Папата Лав 16.

И додека мировните разговори се во тек, нападите не стивнуваат. Обединетите Нации со предупредување дека Украина се соочува со четврта зима под оган, а илјадници луѓе се во опасност.

 

Маријана Димовска