Украина

Дипломатија за крај на војната во Украина

10.12.2025 15:01

Дипломатска игра на нерви за ставање крај на војната во Украина. Зеленски го откри новиот, ажуриран мировен план од 20 точки, усогласен со европските партнери. Но, времето тече – Трамп му даде рок до Божик да постигне договор со Русија.Украинскиот претседател е подготвен да организира избори, под услов САД и ЕУ да ја гарантираат безбедноста на процесот.

Се стега обрачот околу Украина. Американскиот претседател го предупредил Зеленски, до Божиќ да го прифати мировниот договор за завршување на војната, објави „Фајненшл Тајмс“. Во интервју за „Политико“, пак, Трамп повторно побара територијални отстапки, тврдејќи дека Москва ја задржува превласта во речиси четири годишна инвазија.

„Не е лесно со Русија затоа што таа има предност и секогаш ја имала. Тие се многу поголеми. Тие се многу посилни. Им оддавам признание на Украина и на народот на Украина, на војската за храброста и за борбите. Но, знаете, во одреден момент, големината генерално ќе победи“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Украинскиот претседател од Лондон, Париз, Рим и Ватикан доби поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет. Зеленски потврди дека ревидираниот план сега содржи 20 точки.

„Постои рамковен документ со 20 точки, кој постојано се менува, и тоа е нормално, жива структура што мора да одговара на интересите на Украина, Европа и светот. Вториот документ се однесува на безбедносните гаранции. Чекам релевантни предлози од нашата војска и нивните дискусии со Американците, и сето ова мора да се комбинира со ставот на Коалицијата на подготвените. Третиот документ се однесува на реконструкцијата. Секако, ова е проект што мора да функционира кога ќе заврши војната или ќе има прекин на огнот“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Белата куќа веќе некое време ја повикува Украина да одржи избори. Зеленски истакна дека е подготвен за гласање и за време на војна доколку сојузниците ја гарантираат безбедноста.

„Изјавата е сосема нова. Ова е нешто за што претседателот Путин зборува долго време. За ова зборуваше и претседателот Трамп во последно време. Затоа, ќе видиме како ќе се развиваат настаните во оваа насока“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

И додека мировните разговори се во тек, нападите не стивнуваат. Обединетите Нации со предупредување дека Украина се соочува со четврта зима под оган, а илјадници луѓе се во опасност.

 

Маријана Димовска