Австралија ги забрани социјалните медиуми за лица под 16 години
Австралија стана првата земја во светот што им забрани на децата под 16 години да користат социјални медиуми. Тинејџерите утрово затекнаа деактивирани профили, други, пак, пронајдоа начини да ја заобиколат забраната. Доколку не ги испочитуваат обврските, 10-те најголеми платформи може да се соочат со казни до 33 милиони долари...

Австралија e првата земја во светот што им забрани на децата под 16 години да користат социјални медиуми. На 10-те најголеми платформи им е наредено да ја блокираат оваа група или ќе се соочат со казни до 33 милиони долари според новиот закон.
„Ова ќе направи огромна разлика. Тоа е една од најголемите социјални и културни промени со кои се соочила нашата нација. Тоа е длабока реформа, која ќе продолжи да одекнува низ целиот свет во наредните месеци, за да и помогне не само на оваа генерација, туку и на идните генерации. Станува збор за тоа нашите семејства да ја вратат контролата. Технологијата може да има неверојатно влијание врз олеснувањето на нашиот живот, но важно е, како што се развива технологијата, луѓето да ја задржат контролата, да го потврдиме нашиот авторитет како општество и да ги поддржиме семејствата и да кажеме дека доста е“, изјави Ентони Албанезе, премиер на Австралија.
„Менуваме една генерација, една култура. Со овој чекор го менуваме животот на подобро“, Аника Велс, министерка за комуникации на Австралија.
„Не очекуваме беспрекорност, но нема да бидеме обесхрабрени од изолирани случаи на тинејџерската креативност, заобиколување, лажирање и други генијални начини. Играме долготрајна игра. Системските неуспеси ќе ги таргетираме со ригорозна истрага“, истакна Џули Инман Грант, австралиски комесар за е-безбедност.
Целта на мерката е да се заштитат децата под 16 години од вознемирување и од алгоритми кои, според австралиските власти, ги изложуваат на насилна и сексуална содржина.
„Австралиската влада знае дека социјалните медиуми им штетат на младите луѓе и тие преземаат нешто во врска со тоа. Оваа забрана е смела и храбра. И верувам дека ќе им помогне на децата како мене да пораснат поздрави, побезбедни, пољубезни и поповрзани со реалниот свет. Апсолутно ја поддржувам оваа водечка одлука во светот и се надевам дека другите земји ќе го следат нашиот пример. Благодарам што ги заштитувате децата како мене“, рече Флоренс Бродриб, застапник за забрана на социјалните медиуми.
Пилот-иницијативата предизвика голем интерес низ целиот свет. Владите од Данска и Малезија, па дури и некои американски држави, велат дека планираат да преземат слични чекори, четири години откако протечените внатрешни документи на „Мета“ покажаа дека компанијата знаела оти нејзините платформи влијаат врз самодовербата на тинејџерите.
Катерина Бојаџиева
