Правосудство

Реакции за постапката за разрешување на Коцевски

10.12.2025 17:04

СДСМ нема да го поддржи предлогот за разрешување на Коцевски, бидејќи смета дека не треба да се врши притисок врз правосудните органи, туку е потребно да се спроведат реформите. Претседателката Сиљановска-Давкова не го коментираше потегот на власта за разрешување на Коцевски, но вели, на Македонија ѝ се потребни системски реформи, кои треба да почнат со Законот за судскиот совет…

Се надеваме дека Собранието ќе го разреши јавниот обвинител Љупчо Коцевски во рамките на законскиот рок, велат од Владата. Додаваат дека причините поради кои е почната постапка за негово разрешување се добро познати.

За СДСМ, ваквиот развој на настаните е обид за притисок и поставување на партиски луѓе во правосудството. Според лидерот на партијата, Венко Филипче, потребен е нов Закон за јавно обвинителство и нов Кривичен закон, а не да се зборува за тоа кој на која позиција да биде.

Без промени во обвинителскиот систем, нема да има ниту успешни судски реформи, смета македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова. Таа вели, на Македонија и е потребен јавен обвинител кој ќе биде бескомпромисен борец за почитување на законите и владеење на правото, отпорен на партиски и политички влијанија.

На последната владина седница, беше усвоен предлогот за разрешување на јавниот обвинител Коцевски и пратен во Собрание. Нашата цел останува недвосмислена, јакнење на правната држава и непречено функционирање на органите на прогонот, во служба на граѓаните, велат од Владата.

Марија Котовска