Електронско јавно наддавање за закуп на државно земјоделско земјиште

05.09.2014 12:19

Се очекува да се зголеми конкуренцијата и транспарентноста на постапката што ќе овозможи постигнување поголема цена на закупнината...

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе почне со електронско јавно наддавање за давање под закуп земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над 10 хектари. Првично ќе бидат објавени над 6.000 хектари во повеќе општини во Македонија.

„Со измените на Законот за земјоделско земјиште кои се донесоа неделава и со кои се предвидува електронско јавно наддавање за земјоделски површини од над 10 хектари, очекуваме да се зголеми конкуренцијата и транспарентноста на постапката што ќе овозможи постигнување поголема цена на закупнината. Сите апликанти, правни или физички лица, кои ќе се решат да учествуваат на постапката ќе треба да докажат пред нејзиниот почеток дека им се намирени сите придонеси“, изјави денеска на прес конференција заменик министерот Ванчо Костадиновски.

Објавите за земјоделско земјиште под 10 хектари ќе продолжат и понатаму да се спроведуваат во хартиена форма.

На електронската аудиција ќе се понудат поголеми блокови за кои најчесто се заинтересирани оние кои се подготвени да инвестираат и за тоа да платат повисока закупнина.