Кривичен суд

Ново рочиште за трагедијата во Кочани, поранешните директори на ДЗС и екс-министри не чувствуваат вина

10.12.2025 18:08

Не може да одговараме за објект што не постоел – обвинетите директори на Дирекцијата за заштита и спасување не чувствуваат вина за случајот „Пулс“. Одбраната на ексминистрите посочува – во лиценците стои колку луѓе требало да се примат во клубот…

Ексминистерот за економија Крешник Бектеши не ја потпишал лиценцата за работа на клубот „Пулс“. Ова го истакна неговиот адвокат, кој рече дека документот бил заверен со факсимил на тогашниот министер, но немало своерачен потпис. Одбраната посочи дека точно се знае кои лица можеле да го користат факсимилот, а поголемиот дел од лиценците биле заверувани кога Бектеши бил надвор од земјата.

Адвокатите на поранешниот министер за економија Сарачини рекоа дека обвинителството не сакале да го земат предвид фактот дека дозволата за кабаре што е издадена во 2012 година е за една година и за објект којшто се наоѓа на друга локација.

И првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу смета дека му се суди без факти. Неговата одбрана порача дека болката од трагедијата не смее да биде основа за кривично гонење.

На погрешно поставено обвинение се пожали и одбраната на екс-директорот на ДЗС Аднан Џаферовски, а отсуствува и како што вели фактичка поврзаност со трагичниот настан.

Сите тврдеа дека не се виновни и прстот го вперија во Државниот пазарен инспекторат.

Наташа Јанчиќ-Менковски