Европа и САД ги пеглаат разликите околу мировниот предлог на Трамп
Франција, Германија и Велика Британија на телефонска линија со Вашингтон. Трамп откри дека европските сојузници му предложиле викенд-состанок со Зеленски...

Европа и САД ги пеглаат разликите околу мировниот предлог на Трамп за завршување на војната во Украина. Франција, Германија и Велика Британија на телефонска линија со Вашингтон. Трамп откри дека европските сојузници му предложиле викенд-состанок со Зеленски. Порача дека ќе одлучи дури откако ќе добие конкретни одговори, нагласи дека нема намера да губи време. Повторно го отвори прашањето за избори во Украина и го повика Зеленски на поголем реализам.
„Разговаравме за Украина со прилично силни зборови. Имавме мали расправии околу луѓето, ќе видиме што ќе се случи. Тие сакаат состанок за време на викендот во Европа, но ќе донесеме одлука во зависност од тоа со што ќе се вратат. Не сакаме да губиме време. Мислам дека Зеленски мора да биде реалистичен и се прашувам-колку време ќе помине додека се одржат избори“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Зеленски истакна дека е подготвен за избори во воена состојба, но само ако сојузниците ја гарантираат безбедноста. Ја истакна растечката зависност на Русија од Кина, и го повика светот за поголем притисок врз Путин.
„Добив и извештај од разузнавачката служба на Украина за економската состојба на непријателот и растечката зависност на Русија од Кина. Зачудувачки е колку Путин плаќа само за да избегне завршување на оваа војна. Сепак, светот сè уште има доволно сила да ја заврши оваа војна – да ја принуди Русија да го стори тоа“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Од Кремљ велат – Киев мора да донесе одлука и да седне на преговарачка маса, бидејќи просторот за слободно донесување одлуки се намалува. Продолжувањето на непријателствата е бесмислено и опасно за украинските вооружени сили.
