Доставен украинскиот одговор на предложениот мировен план од САД
Доставен украинскиот одговор на предложениот мировен план од САД. Трамп оптимист, вели наскоро е можен мир во Украина...

Украинскиот одговор на мировниот предлог на САД е доставен до Вашингтон. Додека се обликуваат контурите на потенцијалниот договор, Трамп посочи дека наскоро може да се најде решение. Откри дека европските сојузници во телефонскиот разговор му предложиле викенд-состанок со Зеленски.
„Разговаравме со лидерите на Франција, Германија и Велика Британија за Украина, со прилично силни зборови. Имавме мали расправии околу луѓето, ќе видиме што ќе се случи. Тие сакаат состанок за време на викендот во Европа, но ќе донесеме одлука во зависност од тоа со што ќе се вратат. Не сакаме да губиме време. Мислам дека Зеленски мора да биде реалистичен и се прашувам-колку време ќе помине додека се одржат избори“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
По разговорите со Вашингтон, Стармер, Макрон и Мерц велат – ова е критичен момент за Украина, нејзиниот народ и за евроатлантската безбедност.
„Имав телефонски разговор со некои колеги и со претседателот Трамп за прашањето за Украина. 40-минутна дискусија во обид да постигнеме напредок по тема што нè засега сите“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Зеленски подготвен за избори во воена состојба, но само ако сојузниците ја гарантираат безбедноста. Ја истакна растечката зависност на Русија од Кина, и повика на поголем притисок врз Путин за постигнување мир.
„Добив извештај од разузнавачката служба на Украина за економската состојба на непријателот и растечката зависност на Русија од Кина. Зачудувачки е колку Путин плаќа само за да избегне завршување на оваа војна“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Од Кремљ велат – Киев мора да донесе одлука и да седне на преговарачка маса, бидејќи просторот за слободно донесување одлуки се намалува. На фронтот нови напади, но дронови удрија и во Москва. Во меѓувреме, Претставничкиот дом на САД го одобри законот за одбрана што предвидува 400 милиони воена помош за Украина до 2027 година.
Бојана Крстевски
