Руско - украински конфликт

Расте дипломатскиот притисок за крај на војната во Украина

11.12.2025 17:14

Украина го достави одговорот на американскиот мировен предлог – дипломатскиот притисок за крај на војната расте. Трамп тврди дека решението е блиску. За Европа, моментот е критичен за Киев, но и за евроатлантската безбедност. Зеленски подготвен за избори, но бара поголем притисок врз Путин. „Волстрит журнал“ открива нови детали од планот на Трамп, Кремљ одбива да коментира. На терен – нови напади од двете страни. Претставничкиот дом на САД одобри закон со кој ќе му се овозможи на Киев воена помош до 2027 година...

Украинскиот одговор на мировниот предлог на САД е доставен до Вашингтон. Додека се обликуваат контурите на потенцијалниот договор, Трамп посочи дека наскоро може да се најде решение. Откри дека европските сојузници во телефонскиот разговор му предложиле викенд-состанок со Зеленски.

„Разговаравме со лидерите на Франција, Германија и Велика Британија за Украина, со прилично силни зборови. Имавме мали расправии околу луѓето, ќе видиме што ќе се случи. Тие сакаат состанок за време на викендот во Европа, но ќе донесеме одлука во зависност од тоа со што ќе се вратат. Не сакаме да губиме време. Мислам дека Зеленски мора да биде реалистичен и се прашувам-колку време ќе помине додека се одржат избори“, изјави Трамп.

По разговорите со Вашингтон, Стармер, Макрон и Мерц велат – ова е критичен момент за Украина, нејзиниот народ и за евроатлантската безбедност. Зеленски подготвен за избори во воена состојба, но само ако сојузниците ја гарантираат безбедноста. Ја истакна растечката зависност на Русија од Кина, и повика на поголем притисок врз Путин за постигнување мир.

„Добив извештај од разузнавачката служба на Украина за економската состојба на непријателот и растечката зависност на Русија од Кина. Зачудувачки е колку Путин плаќа само за да избегне завршување на оваа војна“ рече украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Во меѓувреме, „Волстрит журнал“ објави дека мировниот план на Трамп вклучува враќање на руската енергија во Европа, американски инвестиции во руски стратешки сектори и користење околу 200 милијарди долари замрзнати руски средства за проекти во Украина. Лавров тврди дека недоразбирањата со САД се решени, Кремљ одбива да ги коментира објавените детали за планот.

„Русија беше и останува отворена за странски инвестиции. Русија е привлечен и многу профитабилен пазар за странските инвеститори и сме заинтересирани. Што се однесува до плановите, ние не сме вклучени во мегафонски дискусии за никакви планови и проекти“, истакна портпарол на Кремљ, Дмитриј Песков.

На фронтот нови напади, но дронови удрија и во Москва. Во меѓувреме, Претставничкиот дом на САД го одобри законот за одбрана што предвидува 400 милиони воена помош за Украина до 2027-ма година.

Бојана Крстевски