Македонија

Жестоки реакции по нападот на новинарска екипи во Инфомакс

11.12.2025 13:12

Жестоки реакции по нападот на новинарска екипи во Инфомакс. Приведен е 43 годишен скопјанец кој за време на емисија во живо насилно влегол во редакцијата на порталот и го попречил емитувањето според МВР станува збор за лице со здравствени проблеми. ЗНМ и синдикатот алармираат за сериозното нарушување на безбедноста на медиумските работници и атак врз слободата на медиумите, партиите со осуда но и меѓусебни обвинувања…

43-годишниот скопјанец, кој порано се лекувал во Бардовци е човекот кој упаднал во редакцијата на „Инфомакс“, скршил две врати и ја попречувал емисијата што се емитувала во живо, со ексградоначалникот Стевчо Јакимовски. Мажот веднаш е уапсен. Полицијата ќе му поднесе кривична пријава по брза постапка.  

Од Обвинителството потврдија дека човекот е приведен, ќе биде поднесено обвинение. Еснафот со жестока реакција – ова е напад врз слободата на изразување. И ЗНМ и ССНМ посочија дека нападот треба да се третира како напад врз службено лице и побараа институциите да имаат нулта толеранција за насилството врз новинари.

„Овој инцидент претставува сериозно нарушување на безбедноста на медиумските работници и директен напад врз слободата на изразување. Бараме најстрога санкција за сторителот, со цел спречување идни напади и нулта толеранција кон насилство врз новинари“, велат ЗНМ.

„Напад врз новинари и медиумски работници, како и попречување на нивната работа за известување на јавноста потпаѓа под член 382 од кривичниот законик – спречување службено лице во вршење службено дејствие. За дела кои ги опфаќа овој член предвидени се казни до три години затвор“, стои во соопштението на  ССНМ.

Владата го осуди нападот и повика институциите докрај да ја спроведат постапката, бидејќи слободата на медиумите и нивната независност е врвен приоритет. Инцидентот го осуди и СДСМ, но кажа и оти мажот бич член на ВМРО-ДПМНЕ.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ порача дека се залага медиумите да работат во безбедна и достоинствена атмосфера.

„Ваквите инциденти се неприфатливи и претставуваат закана за основните демократски вредности кои треба да се заштитуваат и промовираат. Без оглед на разликите во ставовите или уредувачките политики, секој медиум мора да работи во средина која гарантира безбедност, достоинство и почитување“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Ирина Гелевска