Инфраструктура

Николоски: Проектот за нов експресен пат од Смоквица преку Валандово, Струмица, Ново Село и граница со Бугарија е завршен

11.12.2025 16:33

Николоски, денеска е во работна посета на општина Струмица каде присуствува на Свечената седница на Општината по повод „Денот на Заштитниците на Струмица“. ..

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, денеска е во работна посета на општина Струмица каде присуствува на Свечената седница на Општината по повод „Денот на Заштитниците на Струмица“. 

При средбата со градоначалникот тој истакна дека ЈП за државни патишта веќе го заврши проектот за една траса за експресниот пат кој поврзува Коридор 10 и Коридор Струмца во Бугарија, односно делот од Смоквица преку Валандово, Струмица, Ново Село и граница со Бугарија.

Министерот исто така истакна дека 14 инфраструктурни проекти се предвидени за општина Струмица со поддршка на Владата, а најави и нови проекти за општината:

„Би сакал да го честитам овој голем празник „Денот на градот Струмица“, да посакам многу здравје, среќа, бериќет, успех. Би сакал да спомнам дека по завршување на локалните избори во интензивна соработка сме со градоначалникот и новата општинска администрација, веќе бројни работи се придвижуваат. Најголемата и она што го ветивме е поврзување на Коридор 10 со Коридор Струма во соседна Бугарија, односно изградбата на експресниот пат којшто оди од Смоквица преку Валандово, Струмица, Ново Село и граница со Бугарија. Проектот за едната траса ЈПДП веќе го заврши, а за втората траса е во напредна фаза и сериозно работиме на изнаоѓање на финансирање.

Тука се работи на две поголеми улици, имам уште десет којшто се во постапка за избор на изведувач и уште два проекти коишто се преку Министерството за животна средина, така што 14 големи проекти за старт на оваа локална самоуправа што мислам дека е нешто што Струмица подолго време го нема и ќе продолжи поддршката на Владата, мојата лична поддршка и на Премиерот да работиме на нови проекти во периодот којшто следи. Ние со градоначалникот сме во комуникација. Ќе имаме посериозен работен состанок и ќе утврдиме приоритети за периодот што доаѓа“ – изјави вицепремиерот Александар Николоски.