Регион

Падна Владата на Бугарија

11.12.2025 14:40

Кабинетот на Жељасков поднесе оставка по несогласувањата околу буџетот и бранот масовни протести што земјата ја тресат со недели. На оставката и претходеа масовни протести. Десетици илјадни луѓе во Софија и други градови низ земјата излегоа на улица, обвинувајќи ја Владата за корупција...

Падна бугарската Влада, кабинетот на Жељасков поднесе оставка по несогласувањата околу буџетот и бранот масовни протести што земјата ја тресат со недели. Жељазков ја поднесе оставката уште пред парламентот да гласа за недоверба на Владата, гласање кое беше неуспешно.

„Нашата желба е да бидеме на нивото што го очекува општеството. Во моментов, како што диктира Уставот, власта произлегува од суверениот. Како што наведовме, го слушаме гласот на граѓанитеПротестите беа против ароганцијата. Тоа не е социјален протест, протест за политики, за однесување, за ставови“, изјави Росен Жељазков, премиер на Бугарија.

На оставката и претходеа масовни протести. Десетици илјадни луѓе во Софија и други градови низ земјата излегоа на улица, обвинувајќи ја Владата за корупција. На протестите предизвикани по минатонеделните буџетски планови за повисоки даноци, зголемени придонеси за социјално осигурување и зголемување на трошоците, се приклучија и студентите.

„Не протестираме само против буџетот – бараме оставка од Владата поради нејзината неодговорност и срамот што ѝ го донесе на Бугарија“, изјави Георг Петров, студент.

„Се надеваме дека нашите акции ќе доведат до вистински промени. Нема да застанеме тука, од нас зависи дали ќе го демонтираме корумпираниот модел изграден од Борисов и Пеевски“, изјави Александар Танев, лидер на студентското здружение „Студенти против мафијата“.

„Секоја партија што работи на мафијашки начин мора да си замине и никогаш да не се врати – да си поднесе оставка. Протестираме затоа што луѓето се исцрпени од тоа што се манипулирани и осиромашени. Гледаме како безброј човечки животи се уништуваат“, изјави Ели Мартинова, наставничка.

На протестот во Софија беа приведени над 30 лица. Кај дел од нив пронајдени дрога, ножеви и пиротехнички средства.

 

Катерина Бојаџиева