Кривичен суд

Продолжи судењето за трагедијата во Кочани

11.12.2025 17:40

Што правевте 13 години? Ако се дозволил „јавашлак“, тогаш и обвинителот треба да одговара – адвокати со жестока одбрана на судењето за трагедијата во Кочани. Пазарните инспектори негираа вина...

„Пресудата не треба да биде неправда за обвинетите“ – порачаа бранителите во случајот „Пулс“ за трагедијата во Кочани. Адвокатката на службениците од Министерството за економија рече дека не може луѓе што работат во канцеларија да одговараат за пропусти на инспекторите кои контролираат на терен. Според неа, нивната работа е управната постапка без да се врши увид во објектот.

Во своја одбрана обвинетиот Николовски посочи дека неговата работна обврска е административна и не е поврзана со опасноста од пожар.

Пазарните инспектори отфрлија пропусти во надзорот во кабарето „Пулс“. Тие сметаат дека кочанското Обвинителство требало да реагира и постапи по допрен глас зашто се знаело оти во клубот се собираат деца. Според адвокатите, Обвинителството тргнало во „лов на вештерки“.

Адвокатот на обвинетиот Шефкет Хазари, Петре Шилегов го оспори обвинителниот акт и ја критикуваше работата на обвинителството во последната деценија, наведувајќи дека институциите упорно избегнувале одговорност во период кога, според нивната сопствена теорија на каузалитет, имале обврска да реагираат.

Во меѓувреме, на обвинетиот поранешен службеник Џеваир Камбери му е променета мерката притвор откако била дадена гаранција. Следното рочиште закажано за 25-ти декември, со уште еден обвинет и правните лица, кога треба да почне и сослушувањето сведоци.

Марина Стојанова Тонева