Атлетика

Брисел, последна станица од „Дијамантската лига“

05.09.2014 13:46

Најуспешните денеска ќе ја имаат официјалната промоција. Традиционално, голем дел од светската елита ќе се појави вечер на тартанот во Брисел...

Се спушта завесата! Брисел е домаќин на завршната вечер од „Дијамантската лига“. Меморијалот „Иво ван Дам“ е финалето на циклусот од 15-те атлетски митинзи во 2014 година. Пред една седмица во Цирих беа познати лауреатите во 16-те дисциплини со дијамантскиот сјај. Најуспешните денеска ќе ја имаат официјалната промоција. Традиционално, голем дел од светската елита ќе се појави вечер на тартанот во Брисел.

Машката трка на 100 метри ќе има исклучително силен состав. Тројцата поранешни светски рекордери Американците Тајсон Геј и Џастин Гетлин  и Асафа Пауел од Јамајка заедно со одличниот американски „трет човек“ Мајкл Родџерс  ќе се наттрчуваат како во „старите времиња“ кога на светската сцена го немаше „Громовникот“, Болт! Само Болт недостасува тоа да биде исклучителна „стотка“.

Светскиот рекордер Ариес Мерит ќе е ѕвездата во трката на 110 метри со пречки. Извонредниот Французин Мекиси ќе се обиде да им се спротистави на неприкосновените Кенијци на 3000 метри со пречки.Мароканецот Угуидер, Кенијците Киплагат и Кипроп, Сулејман од Џибути се друштвото за голема трка на 1500 метри.Комплетната светска елита е на стартната листа за скок во височина.

Водечкиот светски квартет Бондаренко, Баршим, Уков и Друин ќе влезе во нова импресивна битка со врвните височини, под услов  небото над Брисел вечер да биде мирно, без ветар или дожд. Истото се однесува и за Рено Лавилени, ловецот  на рекордите на Бубка во скок со стап, кој ќе се обиде триумфално да ја заврши сезоната.

Во Брисел претстои тричасовна возбудлива вечер во која ќе се испреплетува сјајот на светските атлетски звезди со дијамантскиот сјај освоен на претходните 14 гламурозни митинзи.