УКРАИНА

Зеленски подготвен за избори, но бара гаранции

12.12.2025 09:13

Прво примирје, па потоа избори, подготвени сме да соработуваме со претседателот Трамп, став на украинскиот претседател...

Европските лидери сакаат да ги продолжат разговорите за Украина, утре во Париз, но Трамп вели сака прво да види поголем напредок пред да се согласи да ги испрати своите советници.

„Мислев дека бевме многу блиску до договор со Русија. Мислев дека бевме многу блиску до договор со Украина. Всушност, освен претседателот Зеленски, луѓето го сакаат концептот на договорот. Знаете, ние отфрливме нешто. Има четири или пет различни делови. Малку е комплицирано бидејќи отцепувате земја на одреден начин. Не е најлесната работа, тоа е како комплексен договор за недвижности помножен со илјада. Но, тоа е договор што ќе го запреше убивањето илјадници секој месец.

Прво примирје, па потоа избори, подготвени сме да соработуваме со претседателот Трамп, став на украинскиот претседател. Зборувајќи на видеоконференцијата со лидерите од Коалицијата на подготвените, Зеленски рече дека во Украина постои верување дека Америка треба да разговара со руската страна за ова прашање.

„Украина не се крие од демократијата. Но, за да бидат можни изборите, мора да постои безбедносна компонента. И Америка може најмногу да помогне во ова. Ако сега има потреба од избори, мора да има прекин на огнот, барем за време на изборниот процес и за време на гласањето, и ова е нешто што мора да се дискутира“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Претходно, земјите членки на ЕУ постигнаа начелен договор за замрзнување на руските средства на неодредено време во вредност од 210 милијарди евра. Од Москва велат дека ќе следува соодветен одговор.

„Секоја измамничка активност поврзана со руските резерви од страна на Европската Унија и нејзините соучесници, секако, нема да остане без одговор. Од наша страна, сторителите на оваа измамничка шема ќе ја сносат одговорноста за сите негативни последици за глобалната економија“, изјави Марија Захарова, портпаролка на МНР на Русија.

Претходно, Украина го достави одговорот на американскиот мировен предлог. Трамп тврди дека решението е блиску. За Европа, моментот е критичен за Киев, но и за евроатлантската безбедност. На фронтот борбите продолжуваат. Руското Министерство за одбрана објави снимка на која, како што вели, се гледаат руски војници како го проверуваат освоениот град Сиверск во регионот Донецк.