САД го зголемуваат притисокот врз Венецуела
Вашингтон го зајакнува притисокот врз Венецуела. Воведени санкции и против фирми и блиски членови на семејството на претседателот Мадуро. Официјален Каракас, потегот на сад го оцени како чин на „меѓународно пиратство“. Според Москва и Минск со поддршка за Венецуела...

Не запираат тензиите на релација Вашингтон – Каракас. Администрацијата на американскиот претседател воведе нови санкции за бродови, фирми и роднини блиски до претседателот Мадуро. Одлуката доаѓа еден ден откако војската на САД заплени танкер во близина на брегот на Венецуела.
„Администрацијата на Трамп ги спроведува политиките за санкции на претседателот на Соединетите Американски Држави. Нема да стоиме настрана и да гледаме како санкционираните бродови пловат по морињата со нафта од црниот пазар, чии приходи ќе го поттикнат нарко-тероризмот на одметнати и нелегитимни режими низ целиот свет“, порача Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.
Трамп воопшто нема да биде загрижен доколку рускиот претседател Путин го повика својот венецуелски колега за да му понуди поддршка, велат во Белата Куќа. Мадуро ги нарече САД „Пирати од Карибите“ и спомена дека имал телефонски разговор со шефот на Кремљ.
„Вчера извршија апсолутно криминално и нелегално дело. Киднапирање и грабеж, како пиратите од Карибите, на приватен цивилен комерцијален трговски брод, брод на мирот. Кој беше нападнат. Речиси стигна до Атлантикот. Не беше од брегот на Венецуела. Речиси беше таму. Многу подалеку северно од Тринидад и Тобаго кон островот Гренада, веќе стигна до Атлантикот“, изјави Николас Мадуро, претседател на Венецуела.
За последните случувања на Карибите реагираа и властите во Колумбија. Од колумбиското МНР објавија дека земјата ќе биде подготвена да го прифати Мадуро ако тој ја напушти власта во Венецуела.
„Карибите се полни до карипски народи и нивните политички и економски форми на организирање. Нема меѓународни води во Карибите. Или ракети паѓаат или ракети се лансираат од води што не им припаѓаат на сопствениците на ракетите. Тоа се нарекува инвазија. Веќе сме нападнати“, изјави Густаво Петро, претседател на Колумбија.
Изминатиов период Соединетите Американски Држави го засилија своето воено присуство во Карипското Море. Трамп тврди дека Венецуела внесува наркотици во САД. Латиноамериканската земја, која поседува една од најголемите резерви на нафта во светот, го обвини Вашингтон дека се обидува да воспостави контрола врз нејзините ресурси и да ја украде нафтата.
Маријана Димовска
