Одбележани пет години од трагичната несреќа со бродот „Илинден“
Пет години од трагичната несреќа, кога по потонувањето на бродот „Илинден“ животот го загубија 15 бугарски туристи. Во спомен на жртвите пред паметникот во Охрид цвеќе положија делегации на општината,бугарскиот конзулат во Македонија и здруженија на граѓани. Овој немил настан иницира крупни промени во регулирањето на безбедноста на водниот сообраќај.
Сеуште се свежи сеќавањата на најголемата бродска несреќа која пред пет години се случи во водите на Охридското Езеро на околу 200 метри од брегот кај Автокампот „Елешец“, при што животот го загубија 15 бугарски туристи. Охриѓани и граѓани од Бугарија денеска со тага се потсетија на тој трагичен настан изразувајќи надеж дека во иднина никогаш повеќе нема да бидеме сведоци на слични несреќи.
„Трагедијата е голема, навистина голема, болката е голема. Ние сме тука за да си помагаме, за да живееме заедно. И се заблагодарувам на општина Охрид што го одржува споменот на настраданите во несреќата“, рече Чавдар Младенов, конзул на Република Бугарија во Македонија.
Трагичниот настан како што рече охридскиот градоначалник иницирал крупни промени во начинот на регулирање на безбедноста во сообраќајот на вода поради што оваа година не се случил ниту еден инцидент на Охридското Езеро.
„Ние како одговорна локална самоуправа заедно со Охридската капетанија и министерството за транспорт и врски ќе бидеме силно посветени кон воведување на нови мерки со цел да се зголеми безбедноста на сите учесници во езерскиот сообраќај, но и на капачите и сите оние кои ги користат услугите на плажите“, рече Никола Бакрачески, градоначалник на општина Охрид.
Бакрачевски и Чавдаров најавија изградба на ново спомен обележје во близина на местото каде што се случи бродската несреќа.
Сашо Нелоски
