Украина

Прво примирје, па потоа избори - став на украинскиот претседател Зеленски

12.12.2025 15:21

Европските лидери подготвуваат нов круг разговори за Украина во Париз, но Белата куќа засега останува воздржана. Американскиот претседател бара поголем напредок за да се вклучи во процесот. Зеленски испраќа јасна порака-мора да има прекин на огнот за да се одржат избори. На фронтот борбите продолжуваат. Руските воени власти објавија дека целосно го презеле градот Сиверск.

Европските лидери сакаат да ги продолжат разговорите за Украина во Париз, но американскиот претседател претендира да види поголем напредок пред да се согласи да испрати своите претставници.

„Мислев дека бевме многу блиску до договор со Русија. Всушност, освен претседателот Зеленски, луѓето го сакаат концептот на договорот. Знаете, ние отфрливме нешто. Има четири или пет различни делови. Малку е комплицирано бидејќи отцепувате земја на одреден начин. Не е најлесната работа, тоа е како комплексен договор за недвижности помножен со илјада. Но, тоа е договор што ќе го запреше убивањето илјадници секој месец“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Прво примирје, па потоа избори-став на украинскиот претседател. Зборувајќи на видеоконференцијата со лидерите од Коалицијата на подготвените, Зеленски рече дека Америка треба да разговара со руската страна за ова прашање.

„Украина не се крие од демократијата. Но, за да бидат можни изборите, мора да постои безбедносна компонента. И Америка може најмногу да помогне во ова. Ако сега има потреба од избори, мора да има прекин на огнот, барем за време на изборниот процес и за време на гласањето, и ова е нешто што мора да се дискутира“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Москва најави одговор откако земјите-членки на ЕУ постигнаа начелен договор за замрзнување на руските средства во вредност од 210 милијарди евра.

„Секоја измамничка активност поврзана со руските резерви од страна на Европската унија и нејзините соучесници, секако, нема да остане без одговор. Од наша страна, сторителите на оваа измамничка шема ќе ја сносат одговорноста за сите негативни последици за глобалната економија“, изјави Марија Захарова, портпаролка на МНР на Русија.

Руските воени власти соопштија дека руските трупи целосно го зазеле градот Сиверск во Украина.

Катерина Бојаџиева