Уапсен убиецот на 53-годишната жена во гостиварско
Ја застрелал со пиштол и ја закопал во дупка, а неговата сопруга во полиција раскажала за убиството. МВР го расчисти грозоморниот случај во гостиварско. Убиецот е уапсен, телото е пронајдено. Жртвата била пријавена од нејзиниот син...

Полицијата го пронајде телото на 53-годишната жена од селото Равен, закопано во атарот на гостиварско Неготино. Приведена е и сопругата на осомничениот убиец која во полициска станица признала дека нејзиниот сопруг со пиштол ја усмртил жртвата, и го открила местото каде што било закопано телото.
На 9-ти декември синот на жртвата пријавил дека неговата мајка била видена на видеокамери на 7-ми декември, била принудена да замине со осомничениот во возило „Фиат“ и оттогаш е недостапна на телефон. Исто така, пријавил дека ноќта меѓу 6-ти и 7-ми декември убиецот влегол во куќата на неговата мајка и биле одземени пари од неговата соба.
Убиецот, приведен вчера, дал лажен исказ во полициска станица, но по добиениот листинг на повици утврдено е дека последен пат жртвата имала контакт со него на 7-ми декември. Против жителот на општина Врапчиште, е поднесена кривична пријава за убиство.
„Полициски службеници од надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар, во присуство на јавен обвинител извршија увид на местото во атар на село Неготино каде било пронајдено телото на Х.А. По наредба на јавен обвинител, телото е дадено на обдукција“, се вели во соопштението на МВР.
За осомничено лице е одредена мерка краткотраен притвор од 48 часа за обезбедување докази. Уште едно лице е задржано додека се вршат проверки. По наредба на јавниот обвинител се преземаат дејствија за целосно испитување на настанот, велат од Обвинителството.
Ирина Гелевска
