Заврши рокот за кандидатури во четирите општини
Во општините Гостивар, Врапчиште, Маврово Ростуше и Центар Жупа каде што на минатите избори не се постигна законскиот минимум на излезност од една третина од вкупниот број избирачи се поднесени вкупно седум кандидатури.

Истече последниот рок за поднесување на кандидатури за градоначалници од овластени претставници на повторените локални избори закажани на 11 јануари 2026 година. Како што не извести портпаролот на ДИК Адмир Шабани, во општините Гостивар, Врапчиште, Маврово Ростуше и Центар Жупа каде што на минатите избори не се постигна законскиот минимум на излезност од една третина од вкупниот број избирачи се поднесени вкупно седум кандидатури.
Во Гостивар во изборната трка ќе се натпреваруваат кандидатите на Националната алијанса за интеграција и на коалицијата „Вреди“, во Врапчиште НАИ и кандидатот на група избирачи, во Маврово Ростуше силите ќе ги одмерат кандидатите на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ и од коалицијата на СДС, додека во општината Центар Жупа е поднесена кандидатура само од Демократската партија на Турците.
Изборната кампања за претставување на изборните програми на кандидатите пред електоратот почнува на 22 декември и ќе трае до 9 јануари идната година. Денот пред изборите на 10 јануари гласаат немоќните лица и лицата во старските домови, како и лицата на издржување казна затвор и притворениците. Изборниот молк почнува од 10 јануари на полноќ па се до 19 часот на 11 јануари на изборниот ден.
