Во Центар, Ректорат, Карпош и Тетово и дишат најзагаден воздух

19.12.2013 14:43

Според мерните места и апаратите на Факултетот за Информатички науки и компјутерски иновации

Според мерните места и апаратите на Факултетот за Информатички науки и компјутерски иновации (ФИНКИ), и денеска најзагаден е воздухот во Скопје. Најголема концентрација на честичките ПМ10 (честички на прашина) има во Центар, Карпош и околу Ректорат на „Свети Кирил и Методиј“ каде што честичките се движат од  250 микрограми на кубен метар до 280, наместо максимално дозволените 50 микрограми. Над дозволените граници на загадување е и воздухот во Тетово, во скопско Лисиче и во Кичево. Високо е и нивото на честичките ПМ2,5 (честички помали од 2,5 микрони) во Центар, а на другите места не се мери.

Во дозволени граници се сулфурдиоксидот, азотните оксиди и јаглеродмоноксидот.

Во текот на вчерашниот ден најзагаден бил воздухот во  Тетово каде што се измерени 325 микрограми ПМ10 честички на кубен метар. Во Центар загадувањето изнесувало 248 микрограми на кубен метар, во Лисиче 240, во Карпош 221 микрограми и кај Ректорат 202 микрограма, а во Кичево 202. На овие мерни места воздухот е загаден повеќе од една недела. 

 Невладините организации и граѓаните  ги повикуваат надлежните институции за поконкретни мерки, бидејќи дишат смог повеќе од една недела. Во Скопје видливоста е намалена, а  сообраќајот се одвива забавено. Скопскиот аеродром Александар Велики кој вчера беше забранет за сообраќај е отворен од денеска напладне. Од завчера важи препораката за бремените жени, за лицата над 60 години и за хронично болните да не престојуваат надвор и да не одат на работа. Градежните работи на отворено да се одвиваат меѓу 11 и 17 часот.

 

Соња Стојановска