Потпишана Охридската декларација „Одржливи културни модели за иднината“
На денешната конференција на Советот на министри за култура од Југоисточна Европа, беше усвоена декларација чија цел e јакнење на културата и одржлив развој. Засилено се работи на зачувување на културното наследство и исполнување на препораките на УНЕСКО…

На конференција на „Советот на министри за култура од Југоисточна Европа“, денес во Охрид усвоена Охридска декларација „Одржливи културни модели за иднината“. Целта е јакнење на културата во функција на одржливиот развој. Засилено се работи на зачувување на културното наследство и исполнување на препораките на УНЕСКО, вели министерот за култура.
До крајот на годинава предвидени сè уште неколку состаноци и усвојување на одлуки, а до 1-ви февруари ќе биде презентиран Извештајот.
„Верувајте, овој проблем не е од денес – се провлекува години наназад, и ние го правиме максимумот. Не е само дипломатската офанзива за одложување на нешто уште една година во овој момент не работиме на одложување, туку работиме на решавање на проблемите“, истакна министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
Директорката на Регионалното биро на УНЕСКО во Европа, со седиште во Венеција, изјави дека е задоволна од она што го видела деновиве на терен.
„Вчера имав прилика да направам една долга прошетка, по убавите улици имав прилика да го видам зајдисонцето и навистина морам да ја препознаам целата работа што се вложува тука во поглед на реконструкција, обновување на археолошки локалитети, верски наследства“, рече директорката Магдалена Ландри.
На министерската средба беше презентирана и иницијативата за воспоставување Регионален фонд за културна соработка, кој би обезбедил стабилност и професионализација на заедничките активности во регионот.
Соња Рилковска
