Инспекциските служби утврдија серија прекршувања во „Зимзоленд“
Инспекциите на терен, општинските и градските служби најавуваат затворање на забавниот парк „Зимзоленд“. Организаторите велат дека продолжуваат со работа.

Инспекциските служби утврдија серија прекршувања, од нерегистрирана дејност и лоши хигиенски услови, до сообраќаен хаос и недостиг на основна документација во забавниот парк „Зимзоленд“.
Инспектори од Град Скопје вршат вонредни инспекциски контроли на божиќниот базар „Зимзоленд“, кој во моментов е најголема атракција за најмладите, а се покажа дека две недели работел без никакви дозволи и потребна документација.
Дополнителни неправилности утврдиле и останатите инспекции. Од Државниот пазарен инспекторат велат дека биле затекнати лица кои вршеле нерегистрирана дејност, за што ќе бидат изречени казни.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство при вонреден надзор е утврдено дека организаторот не е регистриран како оператор и воопшто не ја известил агенцијата дека на штандовите ќе се продава храна.
Поради неисполнување на основни хигиенски услови, АХВ изрече парична казна од 500 евра и мерка, времена забрана за вршење дејност производство и промет со храна.
Организаторите демантираат, велат дека продолжуваат со работа.
„Се појавија неточни информации и шпекулации дека „Зимзоленд“ ќе биде затворен. Ве информираме дека ова не е точно. Во претходните денови имаше инспекциски надзори, но до надлежните служби беше доставена целосната и потребна документација“, стои во соопштението од организацијата на „Зимзоленд“.
Александра Спировска
