Во пресрет на барањата на инвеститорите владата ќе понуди 6 илјади хектари земјиште по закуп

05.09.2014 15:25

Странски и домашни инвеститори сакаат да инвестираат, да одгледуваат нови и атрактивни земјоделски култури и да вработуваат...

Странски и домашни инвеститори бараат под закуп поголеми површини државно земјоделско земјиште. Сакаат да инвестираат, да одгледуваат нови и атрактивни земјоделски култури и да вработуваат. Владата реши да го задоволи нивниот интерес и до крајот на годината ќе понуди под закуп 6000 хектари во повеќе општини. Веќе се формираат блокови поголеми од 10 хектари кои ќе имаат повеќе катастарски класи земјоделско земјиште, а ќе се користи моделот на јавно електронско наддавање.

„За катастарски класи од 1 до 5, почетната просечна цена на закупнината за државно земјоделско земјиште на јавното електронско наддавање ќе изнесува 25 евра, а за класите од 5 до 8 петнаесет евра за хектар рече Ванчо Костадинов, заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Костадиновски очекува на овој начин да се подобри транспарентноста, но и конкуренцијата меѓу закупувачите, што би довело и до зголемување на крајната закупнина. Ќе биде доволен и само еден наддавач и само еден чекор за да биде успешно електронското наддавање.

За да учествуваат на наддавањето, правните лица треба да достават доказ за бонитетот, како и бизнис-план во кој ќе понудат податоци запланираните инвестиции и за бројот на нови вработувања. Очекуваниот годишен обрт, како и банкарска гаранција за понудената годишна закупнина. За да учествуваат на аукцијата, физичките лица треба да достават програма за користење на земјиштето.  Основен услов за сите инвеститори е доказ дека ги имаат платено сите достасани даночни обврски.

Должината на закупот, во зависност од видот на културата ќе се движи од 15 до 30 години. Поголемите парцели ќе овозможат примена на најсовремена механизација и агротехнички мерки и постигнување повисоки приноси, како и креирање одреден број нови работни места.

Свето Николовски