Здравство

Низа неправилности во работењето на болниците и клиниките, утврди контролата на ФЗОМ

12.12.2025 18:59

Спроведени контроли на работењето и финансиското управување во јавните здравствени установи. Утврдени низа неправилности...

Директори на јавни здравствени установи сами си ги зголемиле платите за 10 проценти, на лекарите им се исплаќале и прекувремени часови и дежурства, некои имале 32 часа прекувремена работа и земале плата до 4.000 евра, констатирале инспекторите на Фондот за здравство по направените вонредни контроли во 26 болници и клиники. 70 проценти од проверените установи имаат неправилности во исплата на платите.

Некои единици на Итната медицинска помош и домашната посета низ државата имале свои ценовници за услугите, а не оние утврдени од Фондот и Министерството за здравство, некои неосновано наплаќале услуги на пациенти кои не смееле да ги наплаќаат, немале доволно основни лекови, недостасувале ампули против болка, немале доволно тимови.

Од Фондот провериле и како работат 37 единици на Итната медицинска помош и домашната посета низ државата. Во 14 констатирани се пропусти во работењето.

Извештаите од контролите на ФЗОМ ќе бидат доставени до Министерството за здравство, Министерство за финасии и Државниот завод за ревизија. Годинава ФЗОМ е на прво место во извештајот за мониторинг на државните институции изготвен од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.

Наташа Јанчиќ-Менковски