Прилеп: Истрага за починато бебе, а за случајот со болницата уште еден приведен
Прилепското обвинителство испитува случај за починато осумдневно бебе. Првично се знае дека во болницата било донесено без знаци на живот. Од друга страна, пак, се проширува бројот на осомничени за случајот со злоупотреби во прилепската болница. Приведен и осомничен е благајникот на болницата …

Прилепското обвинителство отвори предмет за смртта на бебе, старо осум дена кое вчера во болницата било донесено без знаци на живот и починало. Персоналот од детското одделение се обидел да го реанимира, но било залудно.
Обвинителството нареди обдукција и ја побара целата медицинска документација за третманот на родилката и на бебето кое се родило во болницата пред осум дена. Тогаш мајката, по два дена, на нејзино барање, со бебето си заминала.
За случајот било разговарано со родителите и било посетено семејството во периферната населба Три багреми. Разговараше и тимот на Центарот за социјални работи.
До 30-дневен куќен притвор му е одреден на благајникот со иницијали Д.К. од прилепската болница кој о приведе Управата за финансиска полиција. Доби кривична пријава за проневера во службата, зашто се сомничи дека украл над 15 милиона денари.
Во период од две години, од почетокот на 2021 до крајот на 2022 година, во повеќе наврати, уплатите на пациентите од партиципација и приватни здравствени услуги, наместо на сметката на болницата, ги ставал в џеб.
Од извори на истрагата, МТВ дознава дека осомничениот ја признал вината и рекол дека ќе ги врати парите.
Инаку, Обвинителството веќе врши истрага за злоупотреби во болницата против 32 правни и физички лица. Осомничени се за злоупотреби во јавни набавки, фалсификување и уништување документација и за злоупотреби на службената положба, со што Болницата е оштетена за околу 700.000 евра. Шест се веќе во продолжен притвор втор месец.
Елизабета Митреска
