Енергетика

Македонија-Србија: Изградба на гасен интерконектор до крајот на 2027-ма

12.12.2025 18:47

Македонија и Србија гасно ќе се поврзат до крајот на 2027-ма година, договорија во Белград министрите Божиновска и Хандановиќ.

Македонската министерка за енергетика Сања Божиновска во Белград на средба со српската колешка министерка Ѓедовиќ-Хандановиќ, и на состанок на Работната група за изградба на гасен интерконектор меѓу двете држави, до крајот на 2027-ма година.

„Очекуваме реализација на изградбата со Република Грција, што се однесува до северниот дел, ние за разлика од Србија имаме помалку километри-имаме 23 километри за изградба“, нагласи министерката Сања Божиновска.

Министерката Дубравка Ѓедовиќ-Хандановиќ, изјави дека добивањето дозволи за изградба на гасен интерконектор меѓу Србија и Северна Македонија е во тек, дека дозволата за градба се очекува кон средината на следната година, а потоа и почетокот на изградбата.

„Нашиот дел изнесува 144 километри со финансиска вредност 153 милиони евра. Во процес сме на добивање на дозволи. Усвоен е просторен план за гасната интерконекција, а во рамките на техничката помош од Инвестициската рамка за Западен Балкан, спроведена е Студија за изводливост и Студија за оцена на влијанието врз животната средина. План е да почнеме со изградба следната година, од Лесковац до граница со Македонија со капацитет на гас кој ќе изнесува 1,5 милијарди кубни метри гас“, изјави министерката Ѓедовиќ-Хандановиќ.

На средбата е разговарано и на други енергетски теми, меѓу кои и за нафтените деривати.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ