НАТО: Зелено светло за брза реакција
За да можат членките на Алијанската да се бранат, лидерите на НАТО се согласија за функционирање на повеќеилјадна трупа која ќе може да се распореди за неколку дена и да дејствува од копно, воздух, вода ...

Лидерите на НАТО се согласија за функционирање на повеќеилјадна трупа која ќе може да се распореди за неколку дена и да дејствува од копно, воздух, вода во случај да треба да се бранат членките на Алијансата.
Генералниот секретар предмалку изјави дека чекаат барање од Ирачките власти за да помогнат во, како што го дефинираше, градењето капацитет за одбрана од радикалните исламисти на ИСИС. Во однос на проширувањето останува заложбата за прием на нови членки и ќе се ценат индивидуалните достигнувања. Најблиску е Црна Гора за која догодина ќе се одлучува дали ќе добие покана.
Синоќа сојузниците договорија сеопфатен и прилагоден сет мерки за помош на Украина. Алијансата ќе помага за рехабилитација за повредените војници, одбрана од сајбер напади, логистика, комуникации- пакет за соработка вреден 15 милиони евра. Се проценува дека со ова ќе и се помогне на земјата во криза да ја зајакне сопствената безбедност. Истовремено беа испратени пораки до Москва.
„Русија мора да престане со агресивните акции против Украина, и да ги повлече илјадниците војници од Украина и пограничните региони и да престане да ги поддржува сепаратистите. Ја повикуваме Русија да го смени својот став кон нелигитимно прогласената анексија на Крим, што сојузниците не ја признаваат“, изјави генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен.
Шефот на дипломатија Никола Попоски кој учествуваше на две сесии, ги истакнал придонесот на земјава во мисиите на НАТО и укажал дека проширувањето треба да се прави со почитување на меѓународното право.
„На голем дел од земјите- членки им е прилично непријатно, тоа што земја која е кандидат придонесува повеќе од некои земји кои се во клубот, а сеуште не може да ги ужива благодетите на членството во НАТО. Тоа беа пораки кои мислам дека на сите им беа јасни, а главната се однесуваше на тоа дека во овој момент придонесот на Македонија е многу позначаен од некој кој ја ужива таа привилегија“, изјави министерот за надворешни работи, Никола Попоски.
На доаѓањето беше најавен како министер за надворешни на Македонија што според Попоски е порака од земјите од клубот на кои им значи меѓународното право, алудирајќи на хашката пресуда против Грција.
Министерот за одбрана, Зоран Јолевски учествуваше на состанокот на посветен на Иницијативата за интероперативност. Рече дека Македонија е подготвена да ги преземеме сите обврски и одговорности како полноправна членка на НАТО. Најави дека земјава ќе продолжи да придонесува во идните мировни мисии на НАТО.
Самитот завршува попладнево вообичаено со заклучоци. Што се однесува на Македонија извесно е дека ќе се копираат истите од претходниот собир во Чикаго.
Душко Арсовски, специјален известувач од Велс за МРТ
