Одрон на патот Охрид – Св. Наум, сообраќајот се одвива по една лента
Од АМСМ апелираат до сите учесници во сообраќајот внимателно да управуваат со своите возила и да ја прилагодат брзината на движење, сè додека не заврши расчистувањето на одронот и не се нормализира сообраќајот...

Поради одрон, утрово од 6:30 часот сообраќајот на регионалниот пат Р1301 Охрид – Свети Наум, на делницата меѓу селото Трпејца и Свети Наум, се одвива по една коловозна лента, информираат од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).
Од АМСМ апелираат до сите учесници во сообраќајот внимателно да управуваат со своите возила и да ја прилагодат брзината на движење, сè додека не заврши расчистувањето на одронот и не се нормализира сообраќајот.
Сообраќајот на државните патишта од АМСМ велат дека се одвива непречено, по суви коловози.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
