Македонија

Охрид со целосно исполнети капацитети за празниците

14.12.2025 19:04

Охрид повторно се позиционира како една од најпосакуваните дестинации за новогодишните празници, со речиси целосно исполнети хотелски капацитети. Туристичките експерти велат потребно е проширување на понудата и приспособување на цените за да се привлечат гости и во останатите месеци од годината.

Охрид ќе биде исполнет со туристи за новогодишните празници. Најбројни ќе бидат гостите од регионот – Бугарија, Србија, Грција, Албанија и Црна Гора.

Хотелските капацитети и приватното сместување се резервирани од 80 до 100 проценти. Најбарани се тридневните новогодишни аранжмани, чии цени се движат од 200 до 300 евра, во зависност од понудата и содржината.

„Во зависност од тоа што добивате – дали се работи за полн пансион, со дочек, свечени вечери, а некаде има и две свечени вечери. Сите хотели имаат различни цени, но околу 200 евра, доколку се бара само ноќевање, може да се најде и поевтина опција, а дочекот да се организира на друго место“, вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.

Според туристичките работници, Охрид секогаш е примамлива дестинација за новогодишните празници, но потребно е проширување на понудата и приспособување на цените за да се привлечат гости и во останатите месеци од годината.

„Хотелите, рестораните и давателите на услуги треба да ги прилагодат цените во овој вакуум-период, постсезоната од октомври, ноември до декември, бидејќи најскап кревет е непополнетиот кревет. Сето ова може со прости решенија да се надмине“, истакна Климент Наумов, туристички водич

Охрид блеска во новогодишно руво, иако сè уште не е објавена програмата за масовниот дочек на охридскиот плоштад, од општината најавуваат весела празнична атмосфера.

Соња Рилковска