САД

Двајца загинати и деветмина повредени во пукање на Универзитетот Браун во САД, напаѓачот е во бегство

14.12.2025 13:03

Најмалку две лица загинаа, а девет ранети во пукотница на Универзитетот Браун во САД. Според првичните информации вооружен маж облечен во темна облека влегол во универзитетот и пукал за време на завршните испити за првиот семестар. Полицијата трага по убиецот...

Двајца студенти се убиени, а деветмина ранети на Универзитетот „Браун“ во Род Ајленд откако вооружен напаѓач влегол во зградата, се упатил кон училницата на првиот кат во којашто се одржувал испит и почнал да пука. По крвавиот чин се дал во бегство. Сите загинати и повредени се студенти на универзитетот, потврди ректорката Паксон.

„Ова е ден за кој се надевавме дека никогаш нема да дојде во нашата заедница. Тоа е длабоко разорно за сите нас“, изјавиректорката Кристина Паксон.

Сведоците раскажуваат за ужасот што го поминале.

„Работев во лабораторијата со моите пријатели. Добивме известување за пукањето кое беше на еден блок од нас. Ги затвориме вратите, изгасивме светла и се сокривме под клупите додека не добивме известување од полицијата дека сака да не евакуира.“ рече Чиангхенг Чиен, студент по инженерство на Универзитетот „Браун“.

„Се забарикадиравме и останавме сè додека не добивме дозвола да излеземе. Моите студенти храбро се грижеа едни за други во овој ужасен инцидент“, речен Лиса Бригс, професор по африкански студии на Универзитет „Браун“.

„Доаѓав наваму и видов голем број полициски возила. Бев збунет, излегов од автомобилот и истрчав кон објектот кога забележав човек на земја, се шокирав, се обидуваа да го реанимираат. Навистина е тешко да се поверува дека ова се случува во Род Ајленд“, изјави Џив Даја, сведок.

Потрагата по напаѓачот продолжува. Од снимките на безбедносните камери се гледа како ја напушта зградата, но полицијата сè уште го нема идентификувано, ниту пак, го знае неговиот мотив. Според проценките се работи за маж на возраст меѓу 30 и 40 години.

„Не е познато како влегол во зградата, но знаеме дека излегол од неа. На видеото за кое веруваме дека е осомничениот, се гледа како ја напушта областа. Носи темна облека, но не можете да му го видите лицето. Некои од сведоците велат дека носел камуфлажна сива маска, но тоа е непотврдено. Ги користиме сите можни ресурси за да го пронајдеме“, изјави Тимоти О’Хара, заменик-началник на полицијата во Провиденс.

Федералните агенции за спроведување на законот, вклучувајќи го и ФБИ, им помагаат на локалните власти во истрагата за пукањето.

„Имав телефонски повици заедно со градоначалникот и директорот на ФБИ, Пател, кои ни понудија директна помош. Тукушто добив повик и од претседателот Трамп, во кој се изразува истата итност и понуди за да ги заштитиме луѓето и да го фатиме напаѓачот кој донесе страдање за толку луѓе“, Ден Меки, гувернер на Род Ајленд.

Универзитетот „Браун“ е приватна образовна институција со околу 7.300 додипломски и над 3.000 постдипломски студенти.

Бојана Крстевски