Политика

Мицкоски: Не се затвора трезорот на 15 декември, ќе има толеранција и К-15 за вработените

14.12.2025 15:48

Трезорот нема да се затвори на 15-ти декември, толеранција ќе има, а обврските од државната каса тековно ќе се сервисираат, изјави премиерот Мицкоски. Опозициската СДСМ е сомничава, вели оти власта крие долгови и затоа најавува затворање на трезорот. Од ВМРО-ДПМНЕ објавија своја резолуција со девет точки укажувајќи дека свесното ширење дезинформации ќе биде санкционирано...

Трезорот нема да се затвори на 15-ти декември, толеранција ќе има, а обврските од државната каса тековно ќе се сервисираат, државните институции ќе добијат и К-15. За ова извести премиерот Мицкоски по обвинувањата на опозицијата дека владата ќе стави клуч на трезорот за да скрие финансиска дупка од милијарда евра.

Мицкоски појасни дека не станува збор за долгови, туку за организациска мерка со цел да се мотивираат институциите навреме да ги достават фактурите.

Опозициската СДСМ е сомничава, вели оти власта крие долгови и затоа најавува затворање на трезорот. Сметаат дека излез од ова, владата гледа во британскиот кредит, а за возврат во земјава ќе се населат мигранти. Затоа и цела недела, велат од СДСМ, одбиваат да ја потпишат резолуцијата против прифаќањето мигранти.

Од ВМРО-ДПМНЕ објавија своја резолуција со девет точки укажувајќи дека свесното ширење дезинформации ќе биде санкционирано. Повторија дека нема договор за мигрантски кампови и оти опозицијата води кампања која влева несигурност и паника меѓу граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ резолуцијата ќе ја достави до Собранието и ќе бара поддршка од сите пратеници.

Анита Димитријевска – Велковска