Знамињата на половина копје по нападот во Сиднеј
Знамињата на половина копје, Ден на жалост во Австралија по страотниот терористички напад во Сиднеј. Црниот биланс се искачи на 16 загинати, десетици се ранети. Светските метрополи ја засилуваат безбедност околу еврејскиот празник Ханука...

Знамињата во Сиднеј на половина копје по смртоносниот напад на плажата Бонди. Двајца вооружени напаѓачи убија најмалку 16 и ранија десетици лица на еврејски настан. Големите градови, вклучувајќи ги Берлин, Лондон, Њујорк и Варшава, ја засилија безбедноста околу настаните за Ханука.
„Ова беше напад намерно насочен кон еврејската заедница на првиот ден од Ханука, што секако треба да биде радосна прослава. Ќе направиме се што е потребно за да го искорениме антисемитизмот. Тоа е неволја и ќе ја искорениме заедно. Австралија никогаш нема да се покори на поделби, насилство или омраза и ќе го надминеме ова заедно. Одбиваме да им дозволиме да не поделат како нација“, изјави Ентони Албанезе, премиер на Австралија.
Според австралиските власти, двајца мажи, татко и син го извршиле нападот.50-годишниот татко загинал, додека 24-годишниот син е во стабилна состојба. По претресите биле пронајдени импровизирани експлозивни направи во возило поврзано со убиениот напаѓач, што е еден од факторите за прогласување на нападот за терористички.
„Има многу, многу приказни за храброст од членовите на заедницата. Навистина сакам да ја признаам работата што беше извршена вчера. Знаеме дека голем број луѓе се живи сега благодарение на постапките на невини минувачи и им се заблагодарувам за работата што ја вршат. Нашата истрага во рамките на операцијата продолжува. Ќе дадам само ограничени информации за тоа. Она што е навистина важно е да се каже дека во моментов имаме 24-годишен маж во болница. Врз основа на неговата медицинска состојба, веројатно е дека тоа лице може да се соочи со кривични пријави“, изјави Мал Ланион, полициски комесар на Нов Јужен Велс.
Израелскиот премиер Нетанјаху вели дека неодамнешното признавање на палестинска држава од страна на Австралија поттикнува тероризам.
„Тие масакрираа Евреи во Сиднеј, Австралија. Пред четири месеци, му напишав писмо на премиерот на Австралија. Му реков, Вашата политика охрабрува тероризам. Таа охрабрува антисемитизам. Вие повикувате на палестинска држава и во суштина му давате награда на Хамас за ужасниот масакр што го извршија врз нас на 7 октомври“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Овој случај во Австралија повторно ја отвори јавната дебата за безбедноста, менталното здравје и контролата на оружјето во земјата, која со години важи за една од најстрогите во светот.
Маријана Димовска
