Ден на жалост во Австралија, по смртоносниот напад во Сиднеј
Знамињата на половина копје, ден на жалост во Австралија по стравотниот терористички напад во Сиднеј. Црниот биланс се искачи на 16 загинати, десетици се ранети. Според досегашната истрага, осомничените напаѓачи татко и син биле поврзани со ИСИС. Светските метрополи ја засилуваат безбедност околу еврејскиот празник Ханука...

Ден на жалост во Австралија, знамињата на половина копје по смртоносниот напад на плажата „Бонди“ во Сиднеј. Двајца вооружени мажи, татко и син, убија најмалку 15 и ранија десетици лица на еврејски фестивал посветен на Ханука. Жртвите се на возраст од 10 до 87 години. Во моментот на нападот, на плажата имало околу 1.000 луѓе. Австралија ќе ги заостри законите за оружје со ограничување на бројот за поседување за едно лице, ограничување на лиценците и забрана за оружје на лица кои не се државјани.
„Ова беше напад намерно насочен кон еврејската заедница на првиот ден од Ханука, што секако треба да биде радосна прослава. Ќе направиме се што е потребно за да го искорениме антисемитизмот. Австралија никогаш нема да се покори на поделби, насилство или омраза и ќе го надминеме ова заедно. Одбиваме да им дозволиме да не поделат како нација“, изјави Ентони Албанезе, премиер на Австралија.
Таткото, 50-годишниот Саџид Акрам кој беше убиен на самото место при престрелка со полицијата бил регистриран сопственик на шест огнени оружја. Синот, 24-годишниот Навид Акрам е хоспитализиран со сериозни повреди. Двајцата имале дозвола за оружје за рекреативен лов од 2015 година. По претресите на нивните имоти пронајдени се импровизирани експлозивни направи и знамиња на Исламска држава.
„Знаеме дека голем број луѓе се живи сега благодарение на постапките на невини минувачи и им се заблагодарувам за работата што ја вршат. Нашата истрага во рамките на операцијата продолжува. Во моментов имаме 24-годишен маж во болница. Врз основа на неговата медицинска состојба, веројатно е дека тоа лице може да се соочи со кривични пријави“, изјави Мал Ланион, полициски комесар на Нов Јужен Велс.
Израелскиот премиер Нетанјаху изјави дека ги предупредил австралиските власти дека поддршката за палестинската државност ќе го поттикне антисемитизмот.
„Тие масакрираа Евреи во Сиднеј, Австралија. Пред четири месеци, му напишав писмо на премиерот на Австралија. Му реков, Вашата политика охрабрува тероризам. Таа охрабрува антисемитизам. Вие повикувате на палестинска држава и во суштина му давате награда на Хамас за ужасниот масакр што го извршија врз нас на 7 октомври“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Големите градови, вклучувајќи ги Берлин, Лондон, Њујорк и Варшава, ја засилија безбедноста. Меѓународната заедница со осуда за насилството од омраза.
Маријана Димовска
