Куманово

Со гасификација на зоните, до чист воздух

15.12.2025 17:56

Економски бенефит за фирмите, почист воздух за граѓаните. Гасоводната мрежа во Куманово се прошири до индустриската зона Доброшане. Целта е мрежата да стигне и до останатите две зони, но и до домаќинствата. Приклучокот на природен гас е и една од мерките за справување со аерозагадувањето …

Педесетина компании во индустриската зона Доброшане, кумановско можат да се приклучат на природен гас. Дистрибутивната гасоводна мрежа е целосно изградена и подготвена за употреба. Освен фирмите, може да се приклучат и домаќинствата. Од „Куманово гас“ очекуваат бројот на корисници да расте, а со тоа и градот да има еколошки бенефит.

„Дел од нив се заинтересирани, останатите ќе видиме, но мора да напоменеме од заинтересираноста на компании зависи и цената на природниот гас која во моментов и не е така евтин како што беше пред четири-пет години, но пак е стабилна и е поевтин од сите нафтени деривати“, нагласи директорот на ЈП „Куманово гас“ Марко Митровски.

Од бизнис заедницата на став проширувањето на мрежата е важно за фирмите.

„Ќе се создадат услови за преработувачката, прехранбената индустрија за полесно производство, намалување на цената на енергенсите кои сега ги користиме“-рече Тони Димитриевски, претставник на бизнис заедница.

Цената на природен гас изнесува 65 денар за метар кубен. Гасификацијата е една од мерките за справување со аерозагадувањето. Куманово е дел и од европски проект за чист воздух.

„Интенцијата е да се прошири мрежата не само за домаќинствата, туку и во зоните и една од првите е во Доброшане како една од постарите зони, а потоа и во индустриската зона во населбата Карпош и крајно до Речица каде што се формира сериозна индустриска зона“-изјави Ивана Ѓорѓиевска, претседателка на Совет на Општина Куманово.

Ширењето кон зоната се реализира со средства на Владата од унгарскиот кредит.

Елена Георгиевска