Финансии

Димитриеска-Кочоскa: Трезорот нема да се затвори и ќе се реализираат сите исплати

15.12.2025 16:53

Задолжувањата преку кредити и државни хартии од вредност е во рамки на проектираното за годинава, буџетот е во добра кондиција. И се што стигнува во трезорот како побарување се исплаќа навреме, Трезорот нема да се затвори и ќе се реализираат сите исплати, уверува министерката Гордана Димитриеска-Кочоска ...

Трезорот нема да се затвори и ќе се реализираат сите исплати, уверува министерката Димитриеска – Кочоска која ги отфрли информациите дека трезорот ќе се затвори на 15 декември. Таа појасни дека налозите во Трезорот стојат по 15 дена заради дополнителни проверки, а и нема логика да се затвора Трезорот ако даноците се собираат до 25-ти во месецот.

По обвинувањата од опозицијата, министерката уверува дека Буџетот е во одлична кондиција и дека обврските нема да останат несервисирани. Во однос на информациите дека се доцни со исплатата на социјалните трансфери, министерката за финансии тврди дека во Трезорот не стојат налози за исплата.

„Доколку има задоцнување, тогаш тоа е во ресорните институции при подготовка на налозите. Од она што го имав добиено како податок од Министерството за социјална политика беше дека имаат нови потпишани решенија кои чекаат да се стават во систем и да почне исплатата наеднаш“, изјави министерката Димитриеска – Кочоска.

Во поглед на задолжувањата, Димитриеска – Кочоска вели дека се во рамки на планираното и логично е средствата од институциите со помала реализација да се прераспределат во оние со поголема.

Александра Велинова