Украина

Трамп: Сите сакаат конфликтот во Украина да заврши

16.12.2025 09:16

Мировниот договор во Украина е поблиску од кога било досега, уверува американскиот претседател Трамп. Зеленски призна дека сè уште постојат разлики меѓу украинската и американската страна за поделбата на териториите...

Претседателот на САД е оптимист дека војната меѓу Русија и Украина се ближи кон крајот. По разговорот со украинскиот претседател Зеленски и со лидерите на неколку европски земји, вклучувајќи ги Германија, Италија, Франција и Обединетото кралство, како и со НАТО, Трамп рече дека сите сакаат да видат крај на војната.

„Мислам дека сме поблиску до крајот на војната од кога било досега. Имавме добар разговор со европските лидери за војната меѓу Русија и Украина. Работите одат во вистинската насока, иако го кажуваме ова многу долго време. Имаме голема поддршка од европските лидери и тие сакаат војната да заврши. Во моментов, Русија сака конфликтот да заврши. И Украина сака конфликтот да заврши. Проблемот е што тие сакаат да заврши, а потоа одеднаш не сакаат. Мора да ги доведеме на иста позиција, мислам дека тоа ќе функционира“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

САД се согласија да обезбедат безбедносни гаранции како дел од мировниот договор, сепак Зеленски призна дека сè уште постојат значителни разлики меѓу украинската и американската страна за поделбата на териториите.

„Не сите аспекти се едноставни, постојат комплицирани работи, особено темата за териториите, несомнено, сите ја покренуваат оваа тема. И важно е сите да работиме за да се осигураме дека ваквите работи се апсолутно фер. Доста ни беше од дијалог за териториите. Мислам дека досега имаме различни ставови. Но, мислам дека американските колеги го слушнаа мојот личен став“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Американските претставници на разговорите во Берлин предупредија дека Украина мора да го прифати договорот, кој, според нив, ќе обезбеди гаранции во согласност со членот 5 на НАТО – кој предвидува дека напад врз еден сојузник се смета за напад врз сите. Германскиот канцелар Мерц рече дека разговорите со претставниците на Трамп, Виткоф и Кушнер создале шанса за вистински мировен процес.

„Во овој момент сакам да кажам дека нема да ги повториме грешките од Минск. Наместо тоа, сега мора да се обезбеди прекин на огнот преку соодветни безбедносни гаранции за Украина. Што ова конкретно значи детално, секако ќе треба да се дискутира меѓу оние кои поединечно ќе ги обезбедат овие безбедносни гаранции. САД и Европа, ќе се договориме заедно и ќе ги дефинираме деталите“, изјави Фридрих Мерц, канцелар на Германија.

Во исто време, министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ усвоија нов пакет санкции против Русија.

 

Маријана Димовска