Оптимистички тонови за крај на војната во Украина
Мировниот договор во Украина е поблиску од кога било досега, уверува американскиот претседател Трамп. Зеленски призна дека сè уште постојат разлики меѓу украинската и американската страна за поделбата на териториите...

Претседателот на САД е оптимист дека војната меѓу Русија и Украина се ближи кон крајот. Вашингтон му понуди на Киев безбедносни гаранции по моделот на членот 5 на НАТО – кој го третира нападот врз една членка како напад врз сите. Трамп посочи дека имал долги разговори со украинскиот колега Зеленски, како и со лидерите на НАТО и европските земји вклучувајќи ги Германија, Италија, Франција и Обединетото Кралство.
„Мислам дека сме поблиску до крајот на војната од кога било досега. Имавме добар разговор со европските лидери за војната меѓу Русија и Украина. Работите одат во вистинската насока, иако го кажуваме ова многу долго време. Имаме голема поддршка од европските лидери и тие сакаат војната да заврши. Во моментов, Русија сака конфликтот да заврши. И Украина сака конфликтот да заврши. Проблемот е што тие сакаат да заврши, а потоа одеднаш не сакаат. Мора да ги доведеме на иста позиција, мислам дека тоа ќе функционира“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Украинскиот претседател изјави дека ќе побара од САД да воведат санкции за Русија и да и обезбедат на Украина повеќе оружје доколку Москва ги отфрли предлозите што се дискутираат помеѓу Киев, Вашингтон и европските лидери. Зеленски призна дека сè уште постојат значителни разлики меѓу украинската и американската страна за поделбата на териториите.
„Што се однесува до ставот на Русите, тој досега не се променил. Знаете дека тие го сакаат нашиот Донбас. Нашиот став е практичен, реалистичен, фер и ние стоиме зад него. И не сакаме да се откажеме од нашиот Донбас. Американците сакаат да најдат компромис, тие предлагаат слободна економска зона. И уште еднаш ќе нагласам, слободна економска зона не значи под водство на Руската Федерација.“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Во Берлин вчера се одржаа консултации меѓу претставници на Германија, Велика Британија и Франција за предлозите за завршување на војната. Европа е подготвена да предводи мултинационални сили во Украина, како дел од мировниот план на САД.
„Во овој момент сакам да кажам дека нема да ги повториме грешките од Минск. Наместо тоа, сега мора да се обезбеди прекин на огнот преку соодветни безбедносни гаранции за Украина. Што ова конкретно значи детално, секако ќе треба да се дискутира меѓу оние кои поединечно ќе ги обезбедат овие безбедносни гаранции. САД и Европа, ќе се договориме заедно и ќе ги дефинираме деталите“, изјави Фридрих Мерц, канцелар на Германија.
Според предлогот, Украина би имала западна поддршка за одржување на постојана армија од 800.000 војници, САД би воделе механизам за следење и верификација на прекинот на огнот, а меѓу другото Европа би го поддржала пристапувањето на Украина во ЕУ. Во исто време, министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ усвоија нов пакет санкции против Русија.
Маријана Димовска
