Страхил Петровски со изложбата „Реминисценции“ во Њујорк
Љубителите на уметноста и целата американска јавност ќе имаат можност да ја разгледаат изложбата на Петровски до 9 јануари.

На 30 декември во Галерија МЦ (Gallery MC) во Македонскиот културен центар во Њујорк ќе биде отворена мултимедијалната изложба – просторна инсталација со наслов „Реминисценции“ на познатиот македонски визуелен и мултимедијален уметник Страхил Петровски.
Љубителите на уметноста и целата американска јавност ќе имаат можност да ја разгледаат изложбата на Петровски до 9 јануари.
Претстојната изложба на уметникот Страхил Петровски во Њујорк е негово второ претставување на уметничката сцена во овој град и дел од серијата негови самостојни изложби што ги реализираше годинава во повеќе европски и светски културни центри.
По изложбата во Париз во јуни годинава, тој се претставува во Њујорк со сосема нова концепција во Галерија МЦ и со нови дела, цртежи што го дополнуваат наративот на поставката.
