Продолжува истрагата за масовното пукање во Сиднеј
Австралиските власти денеска потврдија дека нападот, во кој загинаа 15 лица за време на прославата на хХанука, е терористички чин инспириран од Исламската држава. Пронајдени се и докази што укажуваат на екстремистичка позадина. Осомничени се татко и син, од кои едниот е убиен, а другиот ранет. Во нападот има и десетици повредени, меѓу нив и деца...

Масовното пукање во кое беа убиени 15 лица за време на прославата на Ханука на плажа во Сиднеј е терористички напад, инспириран од Исламска држава, објави австралиската федерална полиција. Осомничените татко и син, од кои првиот беше застрелан, а вториот ранет, еден месец пред нападот патувале на Филипини.
„Причините зошто отишле на Филипини и целта на тоа во моментов се истражуваат. Продолжуваме да работиме на откривање на мотивот на оваа трагедија. И мислам дека е навистина важно на нашите истражители да им се даде време“, изјави Мал Ланион, комесар на полицијата на Нов Јужен Велс.
„Постојат докази дека ова е инспирирано од терористичка организација, од ИСИС. Некои од доказите што се собрани, вклучително и присуството на знамиња на Исламска држава во возилото што е запленето, се дел од тоа“, рече Ентони Албанезе, премиер на Австралија.
„Полицијата на Нов Јужен Велс дејствуваше храбро, не се повлече. Сторителите имаа пушки со долг дострел. Полицајците беа одговорни за убиството на едниот од нив и пукањето во другиот. Како резултат на тоа, спасија животи на многу луѓе. Во моментов има двајца полицајци на интензивна нега“, изјави Крис Минс, премиер на Нов Јужен Велс.
10-годишната Матилда, чие презиме не е објавено на барање на нејзиното семејство, е најмладата личност убиена во масакрот. Нејзини роднини го посетија местото на пукањето.
„По пукањето, ми кажаа дека ја однеле во болница и мојот партнер ми велеше дека докторите се одлични и таа ќе биде добро, да не се грижам. Чекавме неколку часа и мајката на Матилда ми се јави и ми ја соопшти лошата вест. Тогаш едноставно почнав да врескам“, изјави роднина на жртвата.
По масакрот, во болниците се лекуваат 25 лица, од кои 10 се во критична состојба. Поради нападот, лидерите на некои од австралиските сојузни држави ветија дека ќе ги заострат веќе строгите закони за оружје.
Катерина Бојаџиева
