Украина

Трамп: Мировниот договор во Украина е поблиску од кога било досега

16.12.2025 18:25

Мировниот договор во Украина е поблиску од кога било досега, уверува американскиот претседател по разговорите со европските лидери. Киев очекува санкции и повеќе оружје, ако Москва ги одбие мировните услови. Од Кремљ со став, Русија сака мир, а не прекин на огнот кој Украина би го искористила за да земе сила и да продолжи да војува.

Претседателот на САД е оптимист дека војната меѓу Русија и Украина се ближи кон крајот. Вашингтон му понуди на Киев безбедносни гаранции по моделот на членот 5 на НАТО – кој го третира нападот врз една членка како напад врз сите.

„Мислам дека сме поблиску до крајот на војната од кога било досега. Имавме добар разговор со европските лидери за војната меѓу Русија и Украина. Работите одат во вистинската насока, иако го кажуваме ова многу долго време. Имаме голема поддршка од европските лидери и тие сакаат војната да заврши“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Киев очекува санкции и повеќе оружје, ако Москва ги одбие мировните услови што се преговараат со Вашингтон и европските лидери. Зеленски призна дека сè уште постојат значителни разлики за поделбата на териториите.

„Што се однесува до ставот на Русите, тој досега не се променил. Знаете дека тие го сакаат нашиот Донбас. Нашиот став е практичен, реалистичен, фер и ние стоиме зад него. И не сакаме да се откажеме од нашиот Донбас. Американците сакаат да најдат компромис, тие предлагаат слободна економска зона. И уште еднаш ќе нагласам, слободна економска зона не значи под водство на Руската Федерација“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Русија сака мир, а не прекин на огнот за да и даде на Украина простор за подготовка за продолжување на војната, велат од Кремљ.

„Прашањето сега е, како што вели претседателот Трамп, дали одиме кон договор или не. Ако желбата да се замени договорот со краткорочни, неодржливи решенија стане доминантна меѓу Украинците, малку е веројатно дека ќе бидеме спремни да учествуваме. Сакаме да ја запреме оваа војна, да ги постигнеме нашите цели, да ги обезбедиме нашите интереси и да гарантираме мир во Европа за во иднина“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Европа се обврза со мултинационални сили да и помогне на Украина во заштитата од можни идни руски напади. Европските лидери составија листа на мерки за помош на Киев, кои вклучуваат вооружени сили, разузнавачка и логистичка поддршка и економски и дипломатски акции.

 

Маријана Димовска