Премиера на „Болва в уво“ утре во Драмски театар
Актерската екипа е составена претежно од најмладата генерација актери од ансамблот на Драмски театар, кои истакнаа дека соработката со Евтимов им овозможила креативна слобода во градењето на ликовите. Актерот Стефан Вујисиќ процесот го опиша како „танцување низ процесот“, нагласувајќи дека претставата е подготвена за само 36 работни дена, и покрај нејзината динамичност и комплексна сценска структура.

Во Драмски театар утре, на 17 декември, со почеток во 20 часот, ќе се одржи премиерата на претставата „Болва в уво“, по текст на францускиот драмски писател Жорж Фејдо, во режија на Синиша Евтимов.
Евтимов во своето обраќање изрази благодарност за довербата што му е укажана да ја режира култната комедија, напишана во 1907 година, која во Драмски театар претходно имала 456 изведби. Новата поставка е сместена во седумдесеттите години на минатиот век и нуди современо исчитување на текстот, задржувајќи го препознатливиот ритам и хумор на Фејдо. Режисерот истакна дека адаптацијата користи универзален јазик и хумор што кореспондира со актуелното време, а како куриозитет го посочи „телефонот со жица“ како најголемо технолошко достигнување во претставата.
Актерската екипа е составена претежно од најмладата генерација актери од ансамблот на Драмски театар, кои истакнаа дека соработката со Евтимов им овозможила креативна слобода во градењето на ликовите. Актерот Стефан Вујисиќ процесот го опиша како „танцување низ процесот“, нагласувајќи дека претставата е подготвена за само 36 работни дена, и покрај нејзината динамичност и комплексна сценска структура.
Сценографијата е на Мартин Манев, костимограф е Раде Василев, инспициент е Жарко Намичев, а суфлер Милка Анчевска. Улогите ги толкуваат Дениз Абдула, Ања Митиќ, Марјан Наумов, Лазар Христов, Игор Стојчевски, Стефан Вујисиќ, Нина Елзесер, Владимир Петровиќ, Рубенс Муратовски, Катерина Шехтанска, Томислав Давидовски, Јована Спасиќ, Петар Стојковиќ (к.г.) и Ивана Павлаковиќ.
„Болва в уво“ е петтата премиера на Драмски театар за оваа година, со што целосно е реализирана Годишната програма одобрена од Министерството за култура и туризам. По распродадените три изведби во декември, претставата повторно ќе биде на редовниот репертоар на 24 јануари 2026 година.
